Поранешниот холандски репрезентативец и играч на Глазгов Ренџерс и Зенит, Фернандо Риксен (42) од смртна постела посочи каква помош во борбата против тешката болест АЛС (амиотрофична латерална склероза) која го напаѓа нервниот систем, добил од големите ѕвезди како Кристијано Роналдо и Диего Марадона.

Неговата сопруга Вероника се обидувала на секаков начин да му помогне во борбата со болеста, па така пред три години во Мадрид договорила средба со Кристијано Роналдо. Но, од Португалецот единствено што добиле е дрес по натпревар од Лигата на шампионите и фотографија со него, додека од помош ништо.

„И даде испотен дрес на нашата ќерка. Го соблече по натпреварот и го даде и замина“, разочарано сведочи сопругата на Риксен.

Таа се обидела да организира состанок и со Диего Марадона, но тој не се појавил, туку испратил покана Риксен лично да отиде кај него.

Риксен е во последната фаза од болеста и функционира со помош на апарати, а од болничкиот кревет ги повика навивачите на 28 јуни во ГоГлазгов Урбан хотелот да дојдат на хуманитарна вечер, а билетите ќе чинат по 70 фунти.

„Имам посебна вечер на 28 јуни. Ми станува се потешко да функционирам, па тоа ќе биде моја последна вечер. Дојдете и направете ја вечер за паметење“, порача фудбалерот.