Ракометарите на европскиот првак Вардар ги дознаа противниците во групната фаза од новата сезона во Лигата на шампионите, а првата реакција е дека „црвено-црните“ ќе се борат за секој гол и за секој бод на патот кон Келн и нова европска круна.

„Добра група, нема да потцениме никого. Ќе имаме добри натпревари и се надевам дека ќе бидеме на врвот во групата. Веруваме во нашиот тим, секој меч ќе биде важен за нас и ќе се бориме за секој бод, за секој гол… и се надеваме дека одново ќе стигнеме до Келн, каде ќе атакуваме на нова европска титула“, коментираше по ждрепката во Виена извршниот директор на Вардар, Давор Стојановски.

Прашан за промените кои се случуваат во тимот, Стојановски одговори:

„Нормално е да се прават промени. Како во другите екипи, така и ние го следиме тој тренд, но се трудиме на тоа да останеме на нашиот пат и одново да изградиме силен и квалитетен тим. За две недели ќе биде познат ростерот на Вардар за новата сезона.“

Вардар во новата елитна сезона е дел од групата Б каде за противници ги има Веспрем, Келце, Мешков Брест, Мотор Запорожје, Монпеље, Порто и Кил.