Овие два дена Виена е ракометен епицентар, со оглед на тоа дека вчера во овој град Вардар и Еурофарм Работник ги дознаа своите противници во Лигата на шампионите, а денеска, нешто повеќе од 24 часа подоцна, машкиот национален тим на Македонија треба да ја добие конкуренцијата за петтиот во низа, или вкупно шестти настап на континенталните собири. Ждрепката за ЕУРО 2020 е попладнево, 18:45 часот.

Премиерно три земји Шведска, Австрија и Норвешка ќе бидат организатори на едно првенство, на кое исто така за првпат ќе настапат 24 земји, кои поделени во четири шешири ги чекаат противниците во групната фаза, која ќе ја сочинуваат шест групи со по четири екипи.

Македонија ждрепката ја чека во вториот шешир, откако квалификациите ги заврши како лидер во групата три. Друштво ни прават Норвешка, Словенија, Германија, Унгарија и Белорусија, со кои не можеме да се соочиме во групната фаза. Исто така јасно е дека ги избегнуваме групите Ц и Д, кои разигруваат во Трондхајм, со оглед на тоа дека Германија е сместена во групата Ц, а Норвешка (како еден од организаторите) во групата Д.

Со ова е јасно дека ждрепката има полудиригиран изглед, па така во групата А во Грац е Хрватска (прв шешир), во групата Б во Виена е сместен вториот домаќин Австрија (трет шешир), во групата Е во Малме е Данска (прв шешир), додека во групата Ф во Гетеборг е последниот организатор Шведска (прв шешир).

Според новиот формат 24 репрезентации ќе се натпреваруваат на ЕУРО 2020, на кој 65 натпревари ќе бидат одиграни во период од 18 дена. Двата најдоброрангирани тима од шестте групи ќе играат во главната фаза, која ќе содржи две групи со по шест тима. Најдобрите две селекции од секоја група продолжуваат во полуфиналето, односно финалните натпревари кои ќе се играат во Стокхолм.

 

ЕУРО 2020 ќе се игра од 9 до 26 јануари следната година.