Австриското ГП го обележа победата на возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, кој за да се израдува на триумфот сепак требаше да ја почека одлуката на стјуардите дали ќе биде казнет за инцидентот при крајот на трката, која при претекнувањето на Чарлс Леклер имаше контакт со гумите на болидите.

Сепак холандскиот возач не доби санкција, па така не се повтори драмата од пред месец дена кога на трката Големата награда на Канада, Себастијан Фетел ја загуби победата откако беше казнет, а Луиз Хамилтон ја освои трката.

„Доколку бев казнет, можевме да си ги спакуваме куферите и да си одиме дома. Ова е вистинска трка. Ако не може да возиме и претекнуваме на тој начин, тогаш не знаеме што е суштината на тркањето“, изјави возачот на Ред Бул.

Чарлс Леклер и Ферари беа разочарани од одлуката, но решија да не се жалат. Ова е втора трка сезонава, која Леклер ја губи во последниот круг.