Изјава која предизвика револт кај навивачите на Фенербахче, а воодушевување кај оние на Галатасарај. Галатасарај денеска се пофали со уште двајца нови играчи. По ангажманот на холандскиот напаѓач Рајан Бабел, сега нови фудбалери на „лавовите“ се шведскиот репрезентативец Џими Дурмаз и турскиот репрезентативец Шенер Озбајракли.

Дурмаз е Швеѓанец со турски корени, а во кариерата играше за Малме, Генчлербирлиги, Олимпијакос, а последните неколку години беше во Тулуз. Тој е шведски репрезентативец (48  натпревари) и претпознатлив на теренот поради долгата брада.

А Озбајракли доаѓа до големиот ривал Фенербахче. Дефанзивецот не сакаше да го продолжи договорот со „канаринците“ па доби зелено светло да го напушти клубот. А тој го одбра Галатасарај.

„Сакам да освојувам титули и затоа дојдов во Галатасарај. Исто така сакам да видам како е да се игра во Лигата на шампионите. Се радувам што за првпат ќе го направам тоа. Ќе играм натпревари на високо ниво. Исто така се надевам дека многу ќе научам од легендата на турскиот фудбал Фатих Терим“, изјави Озбајракли алудирајќи на тоа што со Фенербахче не може да си ги оствари желбите поради проблемите на овој клуб во последно време, како од финансиски агол, така и од играчки и резултатски агол.

Едвај чекаме да видиме како ќе биде пречекан на „Шукру Сарачоглу“.