Интер работи со полна пареа и го објави третото засилување ова лето. По австрискиот репрезентативец Валентин Лацаро и уругвајскиот централен бек Диего Годин, нов играч на „нероаѕурите“ е Стефано Сенси. Се работи за 23-годишниот играч за врска на Сасуоло кој претходно беше блиску до Милан, а на крајот отиде во редовите на ривалот Интер.

Според италијанските медиуми Интер понудил подобри лични услови за разлика од Милан. „Нероаѕурите“ се договориле да го земат Сенси на позајмица за пет милиони евра плус опција да го откупат за 25 милиони евра. Во спротивен правец заминува Марко Сала.

„Имав неколку понуди, но на крајот решив да ја прифатам таа на Интер. Задоволен сум од изборот. Очекувам со новиот тим да направиме големи работи“, изјави Сенси.

Сенси е екс-играч на Чезена, а од 2016 година игра за Сасуоло. Има два настапи за италијанската А репрезентација и еден гол.