Женската репрезентација на Соединетите Американски Држави се пласира во финалето на Светското фудбалско првенство откако вечерва ја совладаа Англија во полуфиналето со 2:1. Тоа беше интересен меч во кој Американките двапати поведуваа, а во финишот спасија и пенал и го сочуваа резултатот во своја корист.

Кристен Прес во 10. минута ги доведе Американките во предност, но девет минути подоцна изедначи Елен Вајт со својот шести гол на овој Мундијал. Во 31. минута славеничката Алекс Морган го постигна својот прв гол на турнирот кој се покажа и како победнички. Хоран нафрли, а Морган со глава ја совлада противничката голманка.

Фудбалерката на Орландо Прајд е првата на Мундијалите која реализирала гол на својот роденден. Погодокот го прослави имитирајќи пиење на чај.

Во финишот на мечот Англичанките добија пенал. Судиката Батиста долго се мислеше дали да покаже на белата точка по фаулот на Сербрун. На крајот се одлучи за пенал, но американската голманка Нехер го одбрани шутот на Хатон од 11 метри. Само неколку минути подоцна „Гордиот Албион“ остана со фудбалерка помалку поради вториот жолт картон на Брајт и тука беа решени сите дилеми околу победникот.

Искусна и трофејна репрезентација како Америка знае како да дејствува во такви моменти и го сочува водството и избори петтото финале на Светските првенства. Да потсетиме тие се трикратни светски шампионки и бранителки на круната.

Во финалето ќе играат против подобриот од мечот меѓу Холандија и Шведска кој се игра утре.