Проблемите со користењето на ВАР технологијата на мечот Бразил – Аргентина од полуфиналето на Копа Америка се појавиле уште на самиот почеток на мечот, а продолжиле и во текот на истиот, тврдат бразилските медиуми, повикувајќи се на свои извори во Јужноамериканската конфедерација.

Синоќа на првото полуфинале на Копа Америка очигледно беше дека има некаков проблем со користењето на ВАР технологијата, затоа што Аргентинците протестираа поради недосудени два пенали, за кои судијата воопшто и не се обиде да го искористи системот за контрола.

Бразилскиот весник „Глобо Еспорте“ пишува дека ВАР технологијата синоќа дефинитивно беше во прекин во одреден дел од мечот, затоа што главниот судија и судијата задолжен за видео асистенцијата не можеале да комуницираат.Од КОНМЕБОЛ го потврдија проблемот, но, исто така, наведуваат дека проблемот не влијаел на употребата на ВАР за време на сите 90 минути.

Според наодите, проблемот можеби бил предизвикан од фактот дека луѓето од обезбедувањето на претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, кој беше на стадионот, ги користеле истите фреквенции како и вработените во КОНМЕБОЛ и оние во ВАР собата.