Пишува: Зоран Ѓоршоски

Кој сака нека си каже, кој сака нека се пофали, но договорот меѓу Шкендија и Фелипе „падна“ на 12 јуни, токму кога СПОРТМЕДИА објави дека е готово, дека Бразилецот чека промоција во Шкендија. Само се чекаше Хуан да се врати од плажа, се дочека и конечно денеска Шкендија си се пофали дека го „лапна“ екс –вардарецот кој беше миленик на фановите на нашиот најтрофеен клуб, кој ете како „платеник“ си замина кај „непријателот“. Но тоа е тоа, бадијала го бакнуваше „црвено – црниот“ дрес со грбот на Вардар, сега ќе го „бакнува“ оној на Шкендија. Нека знаат сите во Шкендија што земале, посебно нека знаат „балистите“.

Инаку чудно е како тоа некој изнасилено сакаше да го направи трансферот на Хуан Фелипе најскап во историјата на мак – фудбалот. Демек ќе земал за две години 500.000 евра плус бонуси, премии, специјални бонуси, па специјални премии. Видете драги мои, трансферот на Фелипе во Шкендија е „бомба“, но далеку од тоа дека тој ќе биде најплатениот. Тој во Шкендија ќе зема максимално 100.000 евра годишно и тоа го прави само третиот најплатен играч на Шкендија во моментов, по Бесарт и Агим се разбира. Па во Шкендија не се толку „трупови“ да платат 500.000 евра и уште нешто повеќе за Хуан. Уште повеќе овој трансфер или примањата на Фелипе ќе биле поголеми од оние на Буба Хасани! Па Фелипе не може на малото прсте да му се „фати“ на Буба, тука мислиме на примањата. Да, Буба е „кралот“ на Шкендија и точка, кој сака нека каже поинаку. Колку за потсетување, Буба во Шкендија земаше најмалку 2.5 пати повеќе од ова што ќе го зема Фелипе, и тука ставаме точка. И Буба си го исплати до евро својот тригодишен престој. И тој сеуште е најплатениот наш спортист кој играл за наша екипа. Ќе видиме допрва Фелипе што ќе направи.

СЕ ЧИНИ ДЕКА ШКЕНДИЈА ЗАДОЦНИ СО ОВОЈ ТРАНСФЕР!?

Да се разбереме, Фелипе е тоа што на оваа Шкендија и недостигаше, оној тип на играч што би рекле некои „фантазиста“. И убаво е што го донесе, со тоа покажува дека има намера да оди по групна фаза во Лигата на Европа. Шкендија секој преоден рок „рокнува бомба“, така и ова лето. Но, но дали Шкендија задоцни или направи „кикс“ со трансферот на Фелипе. Ајде да ги согледаме фактите. Фелипе е „бомба“, ама да не е темпирана. Како ли ќе се снајде покрај Агим, Бесарт, Висар, Арменд, Егзон, Жуни, Дино, Марјан и другите ѕвезди на клубот. Фелипе е научен да не трча, да не игра во одбрана, да ја има топката постојано кај него, како ли на тоа ќе реагираат останатите, посебно Агим и Бесарт. Тоа стратегот Османи ќе мора веднаш да го „средува“. Во спротивно постои опасност оваа „бомба“ наречена Фелипе да не излезе како темпирана бомба. И сега за она најважното. Знаат ли во Шкендија, кога денеска го претставија Фелипе, дека веќе во вторник имаат меч во квалификациите во ЛШ? Знаат ли дека со Селтик, од се срце сакаме да ја мине и таа пречка, двомечот се игра на 23 и 30 јули. Веројатно знаат, па ајде да ги прашаме како е можно Фелипе да се подготви за ова кусо време, да се воигра, да „легнат“ емициите, да види кај дошол, едноставно да се адаптира. Факт е дека Фелипе е неспремен, додека тетовци се потеа во Крањска Гора на подготовки, овој се „потеше“ на плажа во Бразил. И тоа е голем проблем. Ако веќе Шкендија сакаше екстра засилување тоа мораше да го стори многу, многу порано. И тоа пред заминувањето на подготовките, да има време за се. И што ако мисијата наречена „групна фаза во ЛЕ“ не успее. Кој тогаш ќе одговара за овој „бомба –трансфер“. И без Фелипе нашиот шампион е пресилен за домашната сцена, едноставно ќе се прошета до новата титула. Фелипе на Шкендија и треба за Европа, но што ако, ете нема пласман во групна фаза, што тогаш. Кој тогаш ќе го плати цехот?

Видете СПОРТМЕДИА претпоставува кој ќе биде тоа, па и знае. Нема да биде Османи, нема да биде претседателот Беџети, нема да биде никој од раководството, секако не спонзорот. Тоа ќе биде…!!! Играч е, но неговото име ќе го пишеме кога и ако Шкендија не успее во својата мисија.

А, сакаме да успее, сакаме дури од оваа Шкендија и пласман во групната фаза во ЛШ, не само во ЛЕ.