Александар Влахо, новиот стратег на Работнички тргна со 0:5, секако на пријателските средби. Борец беше подобар вчера на Маџари и заслужено победи. Сепак, сепак треба да се знае дека овој состав на клубот од Градски парк е подновен, драстично подмладен, ремонтиран. Нема дури 13 играчи од минатата сезона. И тоа треба да се знае. Кога сме кај составот еве кои играчи настапија вчера на дуелот со велешани: Јанков, С. Стојчевски, Борха, Додевски, Пановски, Ацковски, Тодоровски, Ф. Стојчевски, Шаркоски, Станковски, Поповиќ, играа уште и Герасимовски, Клисура, Тошевски, Хоон, Фазлиу, Андрески, Максимов, Ајдини, Херера, Велкоски, Јаго, Хасан. Од ова се гледа дека Влахо го чека многу, многу работа до 11 август кога ќе стартува новата сезона. Во овој тим има потенцијал и тоа каков, сите тие се талентирани момци, но веројатно ќе треба уште некое засилување, да не говориме дека за месец дена се враќа и повредениот Горан Силјановски. Се очекува и веројатно така ќе биде дека Работнички во новиот шампионат ќе го има убедливо најмладиот тим во историјата на нашата Прва лига.