Шампионот на Англија од 2016 година Лестер Сити се пофали со рекордно засилување. Популарните „лисици“ дадоа дури 40 милиони евра за да го откупат договорот на Јури Тилеманс од Монако. Белгискиот фудбалер играше шест месеци како позајмен за „сините“ кои сега решија да го купат.

Тилеманс стави потпис на четиригодишен договор и е трето засилување за Лестер ова лето после Џејмс Џастин од Лутон и Ајоз Перез од Њукасл.

„Мило ми е што продолжувам тука. Уште кога дојдов на позајмица минатата сезона, сите играчи, тренерите и фановите беа фантастични кон мене и сум среќен што сум фудбалер на Лестер. Верувам дека имаме талентиран тим да направиме нешто големо во новата сезона“, изјави 22-годишниот Тилеманс.

Лестер ова лето двапати го подобри рекордот по рекордно засилување. Пред Тилеманс, рекордната сума што клубот ја даде изнесуваше 30 милиони фунти за услугите на Перез, а претходно во 2016 година даде 28 милиони фунти плус бонуси за Ислам Слимани.