Денеска Шкендија ја одржа официјалната прес конференција во Талин пред утрешниот меч со Номе Калју во рамките од 1. квалификациско коло од Лигата на шампионите. На прес конференцијата присуствуваа Ќатип Османи и капитенот Арменд Алими.

„Важен меч за нас, ние сме подготвени максимално, не велиме дека ќе биде лесно, но ќе дадеме се од себе за добар резултат. Три пати сме на праг да обезбедиме место во групите, но секогаш добивавме тешки противници. Од 2013 година имаме добар спонзор кој инвестираше во клубот и посакуваме да направиме успех во Европа. Сакаме да напредуваме од година во година, и се надеваме дека овој пат ќе успееме во намерата да влеземе во групите“, изјави Османи кој прашан за противникот, одговори:

„Направивме анализа на противникот, тоа е тим кој сака да игра, организирани се добро, дисциплинирани, и нивната лева страна е повеќе активна. Мала предност кај нив има тоа што шампионатот е во тек, но ние сме подготвени за овој меч“, рече Османи.

Арменд Алими беше прашан со кој резултат би бил задоволен од утрешниот меч, и тој одговори:

„Овие мечеви се покваливтени од оние од домашниот шампионат, добивате во искуство, во квалитет, и имате можност да играте против силни екипи. Со кој резултат би бил задоволен? Имавме два меча пред нас, сакаме да излеземе победници од двата меча, без разлика на резултатот утре“, рече капитенот на македонскиот првак.