Противникот на Академија Пандев во првото квалификациско коло во Лига Европа, Зрински привршува со подготовките за дуелот во Скопје закажан за во четвртиок. Тренерот на босанскиот тим, Хари Вукас ќе допатува со 23 фудбалери.

Тој е задоволен од подготовките, со голем респект гледа кон Академија Пандев, но најави дека во нашиот главен град нема да дојдат за туризам.

„Академија Пандев е сериозна екипа, тоа го покажуваат резултатите. Во втората сезона во ПМФЛ завршија на третото место и го освоија Купот на Македонија, па токму затоа не смееме да ги потцениме. Ги анализиравме, имаме видеа, добро го знаеме нивниот стил на игра и нивните играчи. Имаме уште неколку дена за да се подготвиме добро. Во Скопје на одиме туристички“, изјави Хари Вукас за „спортспорт.ба“.

Билетите за Академија Пандев – Зрински ќе чинат 100 денари, соопштија од управата на клубот. Картите ќе одат преку продажната мрежа на „Купи карти за се“.