Иако поведоа, фудбалерите на Сараево останаа со празни раце на првиот меч од квалификациите за ЛШ. На дуелот на „Кошево“, тимот на нашиот репрезентативец Крсте Велкоски кој го одигра комплетниот меч за босанскиот шампион, беше поразен од моќниот шкотски првак Селтик со 3:1.

Домашните дојдоа први во водство преку Оремуш во 29. минута од мечот и предизвикаа вистинска еуфорија на трибините. Сепак, до крајот на првиот дел гостите успеаја да возвратат, па само 6 минути подоцна Џонстон успеа да погоди во домашната мрежа за конечни 1:1 по првиот дел.

Во второто полувреме Селтик знаеше како да ги казни грешките на противниците. Постигна уште два гола преку Едуард и Синклер и практично по овие 90 минути го обезбеди местото во 2. коло, каде за противник ќе го има нашиот шампион Шкендија.