Пари Сен Жермен беа лути од тоа што нивната најголема ѕвезда Нејмар не се појави на вчерашниот прв тренинг со кој беше означен почетокот на подготовките за новата сезона. Од клубот дадоа соопштение дека Нејмар не се појавил на закажаното место во закажаното време и дека не го известил клубот за отсуството, па ќе преземат соодветни казнени мерки. Меѓутоа веднаш дојде одговор од таткото на Нејмар. И тоа жесток. Ја кажа, како што вели, вистината околу отсуството на неговиот син.

Многумина отсуството на Нејмар го протолкуваа како прв чекор на искажување на незадоволство од страна на фудбалерот и притисок врз управата да издејствува трансфер во Барселона. Некои соопштија дека Нејмар бил во Барселона за да си побара куќа и да се спрема за преселба во главниот каталонски град.

„ПСЖ знаеше дека ќе отсуствуваме. Известен е уште одамна. Кажани им се причините. Имаме маркетиншки обврски и настани поврзани со нашата хуманитарната организација кои не можеме да ги поместиме. Тоа го правиме веќе пет години. ПСЖ знае за тоа. Дури и претседателот Насер учествуваше во некои од тие настани. Нормално дека сме лути на ова однесување на ПСЖ. Не ја знам потребата од правење на скандал во врска со ова, затоа што тие се свесни за ситуацијата. Знаеја дека нема да се вратиме пред 15 јули“, изјави Нејмар сениор.