Шкендија и ова лето тргна победнички во Европа. На првиот меч во Талин, во рамките на првото квалификациско коло во ЛШ,против Номе Калју успеа да победи со 1:0. Секако дека тоа е резултат кој целосно му одговара на нашиот шампион во пресрет на реваншот во Скопје. Специјално за СПОРТМЕДИА свој коментар за овој прв натпревар на Шкендија, дава Висар Муслиу, стоперот на нашиот првак.

„На првиот меч со Номе Калју го добивме тоа што го посакувавме, но веднаш да кажам дека не беше лесно воопшто. Со поголема гол – реализација можевме место 1:0 овој натпревар да го добиеме со повисок резултат. Секако дека ќе настојуваме тоа да го поправиме во Скопје, на реваншот. Очекувавме дека Номе Калју ќе игра дефанзивно, но искрено не до толку. Но нас не ни беше непознато, ние често се среќаваме со таков стил на игра на нашите ривали, поготово кога играме на домашната сцена. Шкендија во Талин мораше да биде внимателна, сепак Номе Калју е шампион на Естонија и не смеевме премногу да ризикуваме, се знае дека на вакви европски мечеви една грешка скапо те чини. Реално имавме шанси и преку игра, но нашата закана беше најголема од прекини. Така падна и голот, беше многу тешко да се рашири одбрамбената зона на противникот. На реваншот се знае, поголема реализација на шансите и ако играме вака како во Талин секако дека можеме да се надеваме дека ќе одиме во второто квалификациско коло во ЛШ“ истакна Муслиу.