Работнички следната сезона ќе има поинаков изглед. Главен „кормилар“ на најтрофејниот кошаркарски колектив повеќе нема да биде Марин Докузовски, неговото место искусниот тренер ќе му го отстапи некогашниот македонски репрезентативец и капитен, Димитар Мираковски, промена која веќе одамна се најавуваше.

Стратегот кој на Македонија и го донесе историското четврто место на Европското првенство во Литванија 2011 година ќе има нова улога во Работнички, дознава „СПОРТМЕДИА“. Дозкувски во иднина ќе биде главен шеф на стручниот штаб на тимот од „Градски парк“, своето долгогодишно искуство ќе го пренесе на Мираковски и останатите тренери, а ќе биде и одговорен за младите кошаркари во школата на „црвено-белите“.

Иако има најава дека во иднина може да го видиме одново на селекторското место на нашиот најдобар национален тим, сепак тоа нема да се случи. Докузовски веќе јавно потврди дека не се гледа на оваа позиција во иднина.

Кога велиме нов изглед, тука мислиме и на составот. Под обрачите нема да биде ниту Ѓорѓи Чековски, искусниот кошаркар се повлекува од професионално играње, дали ќе остане во тимот, но со друга улога наскоро ќе биде познато.

Во дресот на „црвено-белите“ се очекува да има промени и на останатите позиции, во составот ќе нема поголем дел од играчите кои минатата сезона беа дел од Работнички.