Судијата Роди Замбрано, кој го судеше мечот меѓу Бразил и Аргентина кој го добија Бразилците со 2:0 му одговори на Лионел Меси околу спорните пенали кои не ги досудил во корист на „гаучосите“. Меси го обвини Замбрано дека намерно судел во корист на Бразил затоа што тој е дел од планот на КОНМЕБОЛ да го турнат Бразил до титулата.

Спорни беа моментите кога Отаменди доби лакт од Артур во шеснаесетникот, како и фаулот од Дани Алвес врз Агуеро. И во двете ситуации судијата не досуди пенал ниту реши да погледне ВАР снимка, па Аргентина изгуби.

„Отаменди влезе во дуел со противникот (во случајот Артур) и се удри во него. Според мене немаше фаул. Ситуацијата беше прегледана во ВАР собата и од таму одлучија дека ситуацијата е 50-50 и дека нема потреба да гледам, како да беа сигурни дека нема пенал. Одлучив да не досудам ништо. Во извештајот ставив дека од ВАР требало да ме повикаат да гледам снимка и дека сум проценил по свое видување на ситуацијата“, изјави Замбрано.

Ова е изненадувачка изјава бидејќи ВАР судијата Леодан Гонзалез рече дека му кажал на Замбрано да гледа снимка. За другата ситуација рече:

„Тоа повеќе беше фаул на Агуеро врз дефанзивецот на Бразил. Тоа од далеку се гледа како фаул врз Агуеро, но одблиски јасно се забележува како аргентинскиот фудбалер го згазнува бразилскиот фудбалер и го оттурнува од себе, а потоа и самиот паѓа. Според мене тоа не е пенал“, вели Замбрано.