Регионалното кошаркарско натпреварување, АБА лигата, од сезоната 2020/21 нема да има загарантирано место во Евролигата. Вака одлучија акционерите на компанијата „ЕЦА“ која раководи со Евролигата.

На состанокот во Минхен, одлучено е да се промени системот на влез во елитното кошаркарско натпреварување. За овој регион најинтересно е тоа што победниците на домашните и регионалните лиги веќе нема да имаат загарантирано место во европската елита. Во информацијата од состанокот се вели дека победниците од АБА лигата ќе имаат приоритет во добивањето на „вајлд карта“, меѓутоа прашање е како тие воопшто ќе се делат.

Меѓу новитетите е и одлуката две најдобри екипи од Еврокупот да се пласираат директно во Евролигата.

Од сезоната 2020/21 во Евролигата ќе има 11 „А“ лиценци за клубовите: Реал, Барселона, Басконија, Фенербахче, Ефес, Панатинаикос, Олимпијакос, ЦСКА, Макаби, Жалгирис и Армани, како и 2 двегодишни „вајлд карти“ (Баерн и Асвел), 3 едногодишни „вајлд карти“ како и 2 места за клубовите од Еврокупот.