Висок и убедлив пораз на Академија Пандев во првиот меч во фудбалска Европа во својата историја. Вечерва на Арената „Тодор Проески“, напиот освојувач на Купот загуби во првите 90.минути од двомечот во 1.квалификациско коло во ЛЕ од Зрински со убедливи 0:3. Тимот од БиХ се покажа во сиот свој сјај, одигра навистина квалитетно и заслужено победи и се чини обезбеди пласман во следната рунда. Академија Пандев беше премногу импресионирана, не знаеше како да одговори на предизвикот што го носат овие европски натпревари.

„СТУДЕН ТУШ“ ОД ХАЏИЌ ВО 12. МИНУТА

Уште во првите секунди од мечот гостите од Мостар имаа супер шанса за водство, сепак Мандиќ кој искочи сам пред Чубраковиќ не шутираше најпрецизно. Во 4.минута Дориев беше во продор по левата страна, нафрли пред голот а таму осамениот Миловановиќ беше кус, штета, тоа беше можност за водство на Академија Пандев. И тогаш дојде таа 12.минута кога Зрински го „тушираше“ нашиот тим, неодлучна беше нашата потесна одбрана, тоа го искористи Хаџиќ и рутинирано шутираше за водство од 1:0. И тоа не беше се во првиот дел. Во контра беше Мандиќ во таа 28.минута, изби сам пред голот на „пандевци“ и рутинирано од 12-13 метри стрелаше во мрежата на Чубраковиќ. Тоа беше гол за водство од 2:0, водство кое остана до последната 45.минута од првиот дел.

НИШТО НОВО, ЗРИНСКИ ЈА ПОЛНИ МРЕЖАТА НА „ПАНДЕВЦИ“

Во вториот дел ништо ново на теренот, Академја Пандев посакува, се обидува да наметне своја игра, но далеку е тоа од она вистинското. Од друга страна мостарците знаат што сакаат, знаат да нападнат кога треба и да се одбранат, исто така кога треба. Се играше 56.минута кога Говедарица повеќе од умешно го погоди левиот агол за високи 3:0 за Зрински. Ниту оо тие 0:3 „пандевци“ не се разбудија на вистински начин. Се напаѓаше стихијно и тоа беше шанса гостите без многу напор да ги отстранат ретките опасности по својот гол. Само Дориев се обидуваше да стори нешто повеќе. Од друга страна Зрински беше опасен во контрите, иако се чини дека по тие 3:0 како и гостите да спуштија рачна. Во самиот финиш „пандевци“ беа блиску до тресење на мрежата на Зрински, но Дориев ја погоди пречката. Па така со тие 0:3 се заврши овој натпревар, реваншот е за седум дена во Мостар.

1.КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ВО ЛЕ – ПРВ МЕЧ

А.ПАНДЕВ (МКД) – ЗРИНСКИ (БИХ)     0:3 (0:2)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 1.500. Судија: Каир Ерик Стен (Норвешка).
Стрелци: Хаџиќ 12., Мандиќ 28., Говедарица 56. (ЗРИ).
Ж. Картони:Димов, Стоилов (А.ПАН).

А.ПАНДЕВ: Чубраковиќ, Атанасковски, Димов, Илиев, Костов, Стоилов, Миловановиќ (71. Велиновски), Дориев, Пандев (68. Крстовски), Томовски, Стојкоски (66. Темелков).

ЗРИНСКИ: Бркиќ, Цурјуриќ, Хаџиќ (66. Лендриќ), Шовшиќ (70. Пезер), Барбариќ, Ругашевиќ, Јаковљевиќ, Рустемовиќ, Мандиќ (83. Бенцун), Кадушиќ, Говедарица.