Еурофарм Работник продолжува да го гради составот за новата сезона во која ќе има два нови предизвици, настапот во Лигата на шампионите и во СЕХА-лига.

По Бојан Маџовски, Никола Митревски и Мартин Велковски, челниците на македонскиот вицепрвак се во преговори со уште еден репрезентативец. Станува збор за Велко Маркоски, кој по заминувањето од Констанца е слободен играч.

Ова е втор обид на Еурофарм Работник да го доведе искусниот ракометар. Пред две години беа близу до потпис, но по заминување од ППД Загреб, тој се пресели во Романија.

Во Лигата на шампионите, „фармацевтите“ ќе играат во групата Ц заедно со Спортинг, Савехоф, Бидасоа Ирун, Кокс и Татран Прешов. Првиот меч го играат на домашен терен против португалскиот тим.