Шкупи имаше голема шанса за победа над Пјуник на гостински терен, но и водството од 3:1 не беше доволно. Домашните се спасија со два гола во финишот, па резултатот 3:3 е отворен. Можеби Шкупи е во предност поради трите гола на гостински терен, но никако не смее да си дозволи пораз во Скопје. Тренерот Умит Каран посочи дека овој млад тим на Шкупи покажа карактер и дека е задоволен од ремито.

„Малку не изненади оној рано досуден пенал по кој Пјуник поведе. Меѓутоа потоа покажавме карактер и го свртевме резултатот на 3:1, а потоа имавме шанси за 4:1 и 5:1 но за жал не погодивме. А во фудбалот е јасно, штом не погодуваш и штом правиш грешки противникот не простува. Задоволен сум од резултатот, ќе видиме што ќе се случува во Скопје. Се надевам дека нашите навивачи ќе дојдат во голем број и ќе не турнат до победата и до следното коло“, изјави Каран на прес-конференцијата по натпреварот.