Академија Пандев, нашиот освојувач на Купот, вечерва (19 часот) на Арената „Тодор Проески“ ќа го има своето деби во фудбалска Европа. Ривал на струмичани им е Зрински, гордоста на Мостар, гордоста на хрватскиот дел на БиХ. Силен тим против себе имаат „пандевци“, фаворит на хартија, но момците на стратегот Југослав Тренчовски во неколку наврати во својата куса клупска историја, знаеле да изненадат и многу посилни ривали.

Добро е тоа што Тренчовски нема поголеми проблеми со составот, самиот најави дека имал една до две дилеми околу стартната постава. Се очекува голема битка, Зрински е свесен дека ќе си има против себе тим кој гори од желба да покаже и во Европа дека има во себе квалитет. Ние веруваме дека Дориев, Сашко Пандев, Стоилов, Стојкоски и останатите момци ќе знаат да одиграат како што знаат и ќе знаат како да му се спротистават на тимот кој веќе има доживеано елиминација од наш тим, од Работнички во сезоната 2007/2008 во квалификациите во Лигата на Европа кога тогаш на клупата беше легендарниот Блаж Слишковиќ. На крај да кажеме дека се очекува деби настапот на струмичани во фудбалска Европа да биде предност за нашиот тим а не мана или хендикеп.