Попладнево во Ерменија, во градот Ѓумри, екипата на Шкупи со почеток од 15:30 часот ќе го одигра својот прв меч против Пјуник, и тоа во рамките од 1.квалификациско коло во Лигата на Европа. Чаирчани ќе имаат за задача да го скршат проклетството наречено „Пјуник“, кое еве трае речиси две децении. Имено досега овој тим од Ерменија одиграл шест меча против наши екипи и сеуште не е поразен. Во сезоната 2002/2003, против Победа беше 1:1 и 3:1, потоа со Тетекс во сезоната 2012/2013 беше 1:0 и 1:1 и на крај лани со Вардар беше 1:0 и 2:0 за Пјуник. Ете тоа е супер билансот на ерменскиот тим против нашите клубови.

Шкупи се подготвуваше во Болу (Турција), и од таму летна за Ерменија. Тренерот Умир Каран има големи проблеми со составот, нема да настапат тројца клучни играчи, но сепак сите во таборот на чаирчани се оптимисти…

„Го анализиравме противникот, знаеме за неговите добри и слаби страни. Знаеме дека станува збор за организиран клуб со богата историја, секоја сезона играат во Европа. Тоа мора да се почитува. Шкупи цела година се бореше за овие настапи во Европа, и затоа сме нестрпливи да почне овој меч“ вели капитенот на Шкупи Муарем Бајрами.

Да споменеме дека реваншот се игра следниот четврток во Скопје.