Иницијативата на Здружението на прволигаши за промена на членот од Регистрацискиот Правилник за минимален број на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар, доведе до нови средби меѓу преставниците на Кошаркарската федерација и преставниците на Здружението, на кои низ неколку состаноци се потврдени претходните заклучоци. Во соопштението од КФСМ се вели:

„По одржаните состаноци донесено е конструктивно решение кое ги задоволува интересите на играчите и клубовите и ќе придонесе за понатамошен развој на домашните кошаркари, ќе ги поттикне клубовите интензивно да инвестираат во младинските селекции, а при изборот на странски играчи критериумот за квалитет да биде на високо ниво.

Измената ќе гласи: Клуб од прва лига мажи да има право на пријавување и настап на најмногу 4 (четири) странски играчи во составот на еден натпревар, со настап не помалку од 2 (два) домашни играчи во игра на целиот натпревар до завршување на регуларниот дел, супер лигата и плеј-аут натпреварите. Во плеј-оф натпреварите (полуфинале и финале) како и во полуфиналните и финалниот натпревар во Купот нема да има ограничување на бројот на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар.

Правилото ќе биде процедурално процесирано низ структурите на КФСМ и ќе има неколкугодишна примена.“