Сампдорија задоволно трие раце по продажбата на данскиот интернационалец Јоаким Андерсен во францускиот Лион. Направена е одлична работа затоа што се заработени одлични пари. Имено, Андерсен беше цел на Лион, Тотенхем и Милан. Сампдорија мудри чекаше на клубот кој ќе достави најдобра понуда. Седумкратниот француски првак е победник во трката. Тие го платија централниот бек 24 милиони евра, а плус ќе доплатат уште 6 милиони евра во форма на бонуси или вкупно 30 милиони евра.

Со тоа Сампдорија направи супер продажба. Причината е што во 2017 година тие го купија од Твенте за само 1,5 милиони евра!

Од друга страна Лион ја направи најголемата зделка, поточно го собори рекордот кој неодамна беше поставен по најскап трансфер. Претходно тој рекорд го држеше Тијаго Мендеш кој пред неколку недели премина од Лил во Лион за 26,5 милиони евра.

А Лион може да си дозволи вакви трансфери со оглед дека продадоа двајца фудбалери за одлични пари: Ферлан Менди замина во Реал за 53 милиони евра, додека за Ндомбеле од Тотенхем добија дури 70 милиони евра.