Роберто Баутиста Агут денеска против Новак Ѓоковиќ ќе се бори за влез во финале на Вимблдон. Сегашниот пласман во полуфиналето е најдобриот резултат на Грен Слем за овој тенисер кој стана познат оваа година со овој успех.

Најголемо достигнување во минатото му било 1/4 финале во Мелбурн.

Меѓутоа интересна приказна стои зад овој тенисер. Тој играл фудбал, и бил многу добар фудбалер. Воодушевувал во дресот на Кастељон, тим од градот каде е роден, и од каде потекнуваат Висенте дел Боске и Гаизка Мендиета.

Со 14 години го свртел вниманието на Виљареал кој го донел во своите редови. Неговиот татко бил дел од овој клуб во минатото и преку него заминал во Виљареал, а бил среќен што со неговиот татко можел да оди на натпреварите на овој клуб.

„Кога бев дете одев на Ел Мадригал да го гледам Виљареал со мојот татко. Сонував да станам фудбалер“, напишал Агут на сопствениот „Твитер“ во 2017 година.


„Во јуниорските екипи бев дел од Виљареал. Не бев некој техничар, но можев да дадам гол и со уши. Сакав да бидам и тенисер и фудбалер, но бидејќи не можев двете, ги оставив копачките и го земав рекетот“.

Агут (31) истакнал дека почетоците му биле тешки.

„Некогаш размислував каде ќе стигнев сега да бев фудбалер. Како тенисер бев еден од најдобрите до 18 години, ги победував Дел Потро и Чилиќ, но сепак, е тешко да се влезе во топ 100. Кога еднаш влегов, брзо се пробив до врвот“, рече Агут.

Дека не е без шанси против Ѓоковиќ, покажува фактот што на последните пет средби против Србинот, има дури три победи. Два пати веќе го победи годинава, па така „фудбалерот“ Агут може да се надева и на пласман во големото финале.