После вчерашните натпревари на нашите претставници од Лигата на Европа, јасно е дека Македонија во 2. квалификациско коло ќе остане сигурно без еден претставник, можеби и два…

Јасно е дека одбраните на сите екипи потфрлија, и сите примија по три гола, или вкупно девет. Иако играа со просечни тимови, односно со претставници од Ерменија и БИХ.

Најдобро помина Шкупи. Тимот од Чаир можеше да мине и многу подобро, но и многу полошо. Имаше водство од 1:3, меѓутоа со брзи два гола Пјуник стигна до 3:3 и до можност во Скопје да се бори за пласман во следната фаза. Сепак, сега Шкупи ќе игра како домаќин, ќе ја има поддршката од своите навивачи, и има најголеми шанси за пласман во следната фаза.

Полошо мина Македонија ЃП. Не дека се без шанси, не дека не можат да анулираат два гола негатива (ќе мора да постигнат два гола на реваншот), но според она што го одиграа, се чини, дека нивната мисија ќе биде претешка. Направија само две шанси, од кои постигнаа еден гол. Сепак, Алашкерт покажа дека е поконкретен, и на избраниците на Таневски ќе им биде многу тешко да ја анулираат оваа предноста.

Најтешко помина Академија Пандев. Тимот од Струмица во своето деби загуби на домашен терен од Зрински со 0:3. Со тоа момците на Тренчовски веќе мораат да се помират со елиминација од Европската лига, иако чуда се можни во фудбалот. Ако на Македонија ЃП ќе и треба големо чудо, на Академија ќе му треба најголемо, сензација за да стигне до успех. Но, како одиграа вчера, такво чудо во Мостар тешко дека ќе се случи.