Рожер Федерер се пласира во големото финале на Вимблдон и закажа дуел со Новак Ѓоковиќ за трофејот. „Класико“ финале во светот на тенисот и за мерак на многубројната публика и симпатизери на двајцата тенисери. Швајцарецот вечерва го совлада стариот ривал Рафаел Надал со 3:1 (7:6, 1:6, 6:3, 6:4) во 40. меѓусебен дуел, а исто така ја запиша 16-тата победа против него.

Со тоа Федерер на најдобар начин му се одмазди на Надал за поразот во полуфиналето на Ролан Гарос. Рожер ќе се бори за деветтиот трофеј на Вимблдон.

Во првиот сет се одигра жестока борба. И Швајцарецот и Шпанецот не попуштаа си разменуваа сетови, а се отиде во тај-брејк. А таму жесток дуел кој во своја корист го решава Федерер.

Рафаел Надал имаше молскавичен почеток на вториот сет. Поведе со 1:0, Рожер изедначи, а потоа се беше на страната на Рафа. Со фантастична серија од 5:0 го доби вториот сет со 6:1 и го изедначи севкупниот резултат на 1:1.

Во третиот сет, исто како и во првиот серверите беа на високо ниво. Федерер освојува два лесни гема, откако во првиот сет претрпе дури два брејка, а Надал не му дозволи на противникот да се одлепи и намалува на 2:1. Но натака фуриозниот Швајцарецот стигна до 4:1, па потоа имаше и 5:2, за на крајот да го добие третиот сет со 6:3 и да поведе во севкупниот резултат (2:1).

Се прејде на четвртиот сет во кој Надал поведе со 2:1 меѓутоа почна да греши при сервисот, а тоа Федерер го искористи и поведе со 4:2. Но Надал се поправи и ја намали негативата, но тој залет кратко траеше. Швајцарскиот мајстор поведе со 5:3 и се најде на чекор до победата. Но Надал не се предава лесно, упорен и истраен намали на 5:4. Но Рожер не дозволи да биде исфрлен од ритам и возвраќа со серија на добри удари и го принуди противникот на капитулација 6:4 и конечна победа од 3:1 по сетови.