Светскиот шампион Луис Хамилтон е победник на трката за големата награда на Британија, возена попладнево на „Силверстоун“. Британецот пред домашна публика ја обезбеди својата шеста победа во кариерата на оваа патека и го потврди првото место во генералниот пласман кај возачите по 10 трки оваа сезона.

Иако почна од пол-позицијата, неговиот клупски колега Валтери Ботас финишираше на 2. Место, додека место на подиумот обезбеди и Чарлс Леклер од тимот на Ферари. Интересно е што трката ја одбележа големата битка меѓу тимовите на Ферари и Ред Бул.  Верстапен и Леклер уште кон средината на трката понудија вистински спектакл и веројатно најдобра трка од сите оваа сезона. Макс константно напаѓаше, возеше агресивно, а Леклер покажа одлично возење и добри маневри.

Хамилтон во последниот круг го извозе и најбрзиот круг и со тоа ја потврди новата победа. На крајот на 4. и 5. место завршија возачите на Ред Бул , Гесли и Верстапен.