Натпреварите до Првата македонска фудбалска лига идната сезона ќе бидат емитувани на Арена Спорт ТВ. Ова е договорот на ФФМ со клубовите, и  соработката е потпишана. Во игра беше и „Спорт Клуб“, но изборот падна на „Арена“ земајќи ги во предвид сите параметри.

„Арена“ ги доби правата за супер цена од 150.000 евра, и ќе ги одработува преносите од прволигашките натпревари во соработка со Македонската радио телевизија.  Тоа значи дека за прв пат после долго време ќе има директен пренос на натпреварите, и тоа ќе може да ги гледаат и земјите од регионот.

Тоа ќе биде добро и за самите играчи и за самите клубови, со оглед дека ќе бидат видени, забележани, можеби со тоа ќе успеат да се промовираат себе си.

ТЕЛЕВИЗИЈАТА ЌЕ ГИ БИРА ТЕРМИНИТЕ

На оние натпревари кои ќе бидат емитувани, терминот ќе го одлучува „Арена“, односно ќе има право да кажува во кој термин ќе се игра, и тоа мора да се почитува затоа што тоа стои во договорите. Проблематично ќе биде тоа што 90% од стадионите немаат рефлектори, па нема да може да се емитуваат вечерни натпревари. Можни се поместувања за натпревари во сабота, па дури и петок, понеделник… Тоа клубовите ќе мора да го почитуваат, тоа ќе биде и во договорот.

КЛУБОВИТЕ ДА ПОРАБОТАТ НА ИМИЏОТ И ОДНЕСУВАЊЕТО

Ова би значело дека клубовите ќе мора да поработат на имиџот и на однесувањето на теренот за време на преносот. Мора да поработат на односот на теренот и фудбалерите, и тренерите на клупата, целокупниот стручен штаб, судиите… Исто така да се поработи и на начинот на облекување и другите работи за да не излезат смешни.

Исто така не смеат да одбиваат изјави за телевизијата, дури треба да даваат и на полувремињата, пред и веднаш по натпреварот, се разбира доколку биде побарано тоа од нив.

ФУДБАЛСКАТА И РАКОМЕТНАТА ЛШ, ЛЕ, СЕРИЈА „А“…

Кои првенства ги реализира Арена? Пред се тука се мечевите од Лигата на шампионите и Лигата на Европа, ракометната Лига на шампиони каде Вардар ја освои титулата. Потоа натпреварите од Серија „А“ како и регионалните првенства: Србија, БИХ, Црна Гора и Хрватска. Сега во таа игра влегува и Македонија.

Регулирањето на ТВ правата би значело дека нема повеќе „крадење“ видеа и тв преноси како што тоа беше случај со платформата на ФФМ.