На подготовките во Маврово, селекторот Никола Матијашевиќ тргна со кристално јасна слика и кога станува збор за играчите на кои ќе смета на европската премиера во септември, а единствен кој му недостасува во моментов е интернационалецот Александар Милков.

Искусниот примач, кој се врати во националниот тим за да помогне да се стигне до историскиот успех повторно има проблеми со коленото, повреда која е хронична и која ја влече веќе со години. Поради неа го пропушти и првиот собир во јуни, а и сега ќе недостасува во тимот, најмалку до 1 август.

Селекторот Матијашевиќ, но и самиот Милков се надеваат дека тој ќе биде подготвен да му се приклучи на тимот, а потоа и да одговори на предизвикот наречен ЕП.

„Милков има проблеми со коленото и работи со физиотерапевтка во Хрватска, која е одлична и со која веќе санираа голем дел од проблемот. Од денеска почнува и со посилно оптоварување на коленото и прогнозите се дека од 1 август ќе биде подготвен да се игра одбојка, а тогаш и очекувам да му се придружи на тимот. Потоа ќе има пет недели за да се подготви за ЕП и се надевам дека ќе успее да се најде во тимот, затоа што заслужува и затоа што ЕП е шанса која не смее да ја пропушти“, заклучува во разговорот за СПОРТМЕДИА селекторот Матијашевиќ.

Оптимист е и репрезентативецот, кој за СПОРТМЕДИА се огласи од Хрватска.

„Добро се чувствувам, немам болка и почнав повеќе да го оптоварувам коленото. Се надевам дека наскоро ќе бидам со тимот“, потврди Александар Милков.

Од оние кои досега ги имаше во ростерот Матијашевиќ нема да може да смета на Марјан Урдов, со оглед на тоа дека вториот коректор во тимот без оправдување не се појави на вчерашната прозивка и со тоа сам се отпиша од комбинација, додека во екипата се врати средниот блокер Ристо Николов, што и како ќе игра голема улога во ротацијата кај центрите.