Македонската женска јуниорска репрезентација заврши на 21 место на ЕП Б Дивизија кое вчера и официјално заврши. Избраничките на Жаклина Стојановска забележаа шест порази и само две победи, и уште еднаш не потсетија на кое ниво е нашата женска кошарка.

Некогашната репрезентативка, а сега веќе селектор се огласи преку социјалните мрежи. Стојановска на долго го објасни она што веќе долги години е проблем, а никој не се обиде да го реши. Ветувањата секогаш се големи, но реализацијата богами тешка. Останува новото раководство да ги засука ракавите, како што најави и да почне од корен да менува многу работи.

„Спормедиа“ во целост ви го пренесува ставот на Стојановска.

“Почитувани љубители и не љубители на женската кошарка, познавачи и помалку познавачи.

Во Скопје минатиот период се одржа првенство во кошарка за девојки до 18 години во Б дивизија. Пласманот е лош, но кошаркарките се нашето најдобро во таа генерација. И треба да сме горди на нивната борбеност, пожртвуваност на секој меч, на нивната љубов кон кошарката, посветеноста на тренинзите и натпреварите и да се радуваме на секој постигнат кош, освоена топка под кош, асистенција, на сплотеноста на девојките.

Она што се случуваше вон теренот, на трибините, не може да има пласман со реден број, и тие (не)успеси никогаш не добиваат квантитет и мерлива единица, а се огромен фактор во квалитетот на она што се случува на теренот. Особено за младински категории, за девојки во развој, за оние кои се нашата иднина, на кои им треба поддршка дури и кога „грешат“.

Добар спортски пласман на било кое првенство не може да се создаде во подготвителен период од 30 дена. Се создава години наназад, во клубовите, во домашното првенство, низ многу натпревари, низ тројно повеќе тренинзи и низ многу порази и победи. Ова, за жал го немаме како систем веќе 20 години, женската сениорска кошарка фигурира скоро само на хартија, со мал интерес и за играње и за развој, имаме вкупен број на 50 регистрирани сениорски кошаркарки, од кои повеќето имаат по 2 или 3 тренинзи недело, што е на ранг на рекреација. Младинските категории пак, се неколку нивоа подолу во однос на сето ова.

Не земајќи ја во предвид реалната и фактичка ситуација, секогаш се надеваме дека „срце на терен“ е она што ќе победи, и дека можеби ќе имаме „среќа да ни тргне шутот за тројка“. Срцето, девојките го оставија на терен. Оние што беа во сала, тоа го видоа, за останатите има снимки на „youtube“ каналот на ФИБА. Факторот борбеност е само зачин во било кој спорт, а основата се многу тренинзи со стручни лица, физичка и психичка подготовка, многу натпревари и долгогодишен процес со план и програма за работа. Ова, им е познато на сите спортски работници.

Она што се случуваше за време на првенството е деградирање и омаловажување на трудот и љубовта на главните актери во приказната, без пардон, јавен линч за девојките, да се дотолчи желбата која ја имаа и кои со ситни чекори се обидува да парираат на врсничките од другите држави кои се во секој аспект во поповолна позиција организациски – финансиски, стручно, логистички, инфраструктурно, медицински, со план за работа во младинските категории. Но, за жал на јавна критика и главните обвинувања овие денови беа кон оние што се најмалку виновни. Ако нашите репрезентации се поразени со 40 – 60 разлика се „резил за државата“, и кога е така – на критиките им нема крај. Кога играме достоинствено на секој натпревар и се трудиме сите недостатоци и несакани ситуации (повреди на играчи кои се носители на играта) да ги надополниме со борбеност и голема желба – повторно стигнуваат критики.

Имаме ли капацитет да ги препознаеме квалитетните луѓе кои ја сакаат искрено и несебично кошарката и на кои не им е важен личниот бенефит, од оние кои преку кошарката сакаат да профитираат?

Кај нас исто така има план за работа преку Академијата за кошарка, но како се спроведуваат задачите на оперативно ниво и каде беа луѓето кои се одговорни за развој на овие кошаркарки во текот на годината?

Во летниот период во време кога се одржуваше првенството, селекторската позиција им беше понудена на тренери кои ја одбија во замена за летни кампови од кои профитираат.
Во клубовите во текот на годината ништо не се инвестира во развој на младински категории, а парите од општините и Агенцијата за спорт и млади се средства за подобра егзистенција на сопствениците и тренерите во истите. Во ваква ситуација кога приоритет се личните интереси на краток рок над интересите за развој на кошарката на долг рок, отворено ве прашувам каде одиме драги „љубители на кошарката“, директни и индиректни учесници, стручни и нестручни лица, оние кои критикувате и оние кои делите пофалби, што сакаме? Заеднички, во и надвор од системот на работа?

Ве замолувам да ги оставите девојките кои 40 дена ја гледаа кошарката со голема љубов и секој ден на секој натпревар сакаа достоинствено да им парираат на своите врснички. Јас одбрав да бидам на чело на тој тим, со сета свесност за сите наши недостатоци и резултатот кои се очекуваше да го оствариме. Доколку ви треба мета за критики, повикајте ме во коментарите директно, целата одговорност за резултатот постигнат на ова првенство ја преземам јас, најдостоинствено со исправена глава, оставете ги девојките на страна.

Ќе ги замолам луѓето од федерација да погледнат подлабоко на ситуацијава и да најдат долгорочно решение за сите нас кои кошарката ни е живот. Доколку сакаат/сакаме да одиме во нагорна линија направете ја позитивната промена системски, имаме перспективни девојчиња кои може да прераснат во врвни кошаркарки, ве замолувам дајте им шанса за правилен развој.

Со Почит,
Жаклина Стојановска“