Шкендија денеска треба само да го официјализира својот пласман во второто квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Номе Калју секако дека треба да се респектира, но се знае каде е квалитетот, се знае дека ако Шкендија одигра како што знае, тогаш не би требало да има никакви проблеми со шампионот на Естонија.

„Бомбардерот“ на нашиот шампион, Бесарт Ибраими специјално за „СПОРТМЕДИА“ во пресрет на попладневниот реванш посочи:

„Имаме предност од првиот натпревар, меѓутоа за нас тоа не значи ништо. Трениравме и работевме минатите денови како да немаме предност од Талин. Ова е нов момент за нас, нов натпревар и ново докажување. Ние за вакви мечеви цела сезона играме и се подготвуваме за Европа,така да потребно е максимално сериозно секој од нас да си сфати работата. Од друга страна секако дека очекувам победа, победа која ќе ги израдува и нашите верни фанови“…

 

МИ ТРЕБА ВРЕМЕ ДА СЕ ВРАТАМ ВО СТАРАТА ФОРМА

Бесарт Ибраими со 14 голови убедливо е најдобриот стрелец на Шкендија на европска сцена. Ќе видиме дали тој попладнево ќе го постигне и својот 15 гол за тетовските „црвено – црни“…

„Одлично е чувството повторно да бидам во комбинација во вака важни натпревари за мојот тим. Нормално дека по долгата пауза поради операцијата на лигаментите, како и на сите други, и на мене ми треба малку време за да го фатам потребниот ритам. Сепак јас 100 сум сконцентриран со цел да дадам се од себе и заедно со моите соиграчи да направиме попладне добар резултат на дуелот со Номе Калју попладнево. Кога го велам ова тука мислам и на коефициентот и на рејтингот на Шкендија во Европа, затоа што нашите успеси и интенцијата да направиме нешто вредно за клубот, е токму тоа. Сакаме не само да го победиме Номе Калју и да одиме во втората рунда туку и да додадеме уште една победа во Лигата на Шампионите, која што секако носи евро – ранкинг поени“.