Французинот Себастијан Алер е новиот голгетер на Вест Хем откако премиерлигашот постигна договор со Ајнтрахт Франкфурт за неговите услуги. 25-годишниот напаѓач е веќе на пат за Лондон каде треба да ги мине лекарските прегледи.

Со овој трансфер англискиот тим ќе урне рекорд, за францускиот фудбалер ќе плати 42,5 милиони фунти. Челниците на клубот веднаш ќе платат 36 милиони фунти, додека останатите 6,5 милиони фунти ќе бидат искеширани на име на бонуси. Алер треба да потпише четиригодишен договор и ќе постане најскапиот фудбалер во историјата на овој тим.

Алер треба да биде решение за празната позиција во нападот по заминувањето на Марко Арнаутовиќ во Шангај СИПГ, а потоа ја загуби трката со Валенсија за потписот на Макси Гомез. Вест Хем мораше да реагира брзо и да најде решение во поранешниот француски младински репрезентативец.

Себастијан Алер има постигнато 33 гола во 77 натпревари колку што има одиграно за Ајнтрахт во изминативе две години.