Бутел и Пелистер, кои од првиот шешир денеска во Виена ја пречекаа ждрепката за новата сезона во ЕХФ купот, ги добија потенцијалните противници во второто коло од второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Бутел, најверојатно ќе се соочи со ЗТР Запорожје, украинскиот тим, кој во првото коло игра со Лондон, и против кој важи за апсолутен фаворит.

Пелистер, пак, за противник ќе го чека подобриот од двомечот меѓу Беса од Косово и швајцарски Винтертур.

Натпреварите од првото коло во ЕХФ купот се играат на почетокот на септември, додека Бутел првиот меч го игра дома на 5/6 октомври, додека Пелистер е домаќин на реваншот на 12/13 октомври.

Третиот македонски претставник во ЕХФ купот, Металург, директно е пласиран во третото коло, па мирно ќе чека до 15 октомври за да го добие европскиот ривал.