Како што вчера најавивме, претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини минатата недела во Белград одржа состанок со претставници на ТВ Арена Спорт во врска со телевизиските права за натпреварите од Прва МФЛ.

По разговорите во седиштето на ТВ Арена Спорт, раководството на регионалниот спортски канал, ТВ Арена Спорт, достави понуда до ФФМ за телевизиските права за натпреварите од 1 МФЛ во чија рамка влегуваат два директни преноси од секое коло (сабота и недела), правата за натпреварите од Купот на Македонија и ексклузивно право за емитување на натпреварите на териториите каде што се емитува ТВ каналот, Арена Спорт.

Раководството на ФФМ ја претстави понудата пред претставниците на клубовите од Прва лига и заеднички се согласија ТВ правата да бидат отстапени на водечкиот регионален спортски канал, ТВ Арена Спорт во наредните две сезони. Финансиската понуда, исто така, им беше презентирана на претставниците на клубовите и донесоа одлука со средствата добиени од продажба на ТВ права да се покријат трошоците кои клубовите од 1 МФЛ ги плаќаа во име на котизација за настап во МФЛ.

Во проектот за телевизиските права од 1 МФЛ ќе биде вклучен и нашиот Национален сервис (МТВ). Двата натпревари од секое коло (сабота и недела) ќе се емитуваат и на МТВ која телевизиски ја покрива територијата на нашата држава со директни преноси и коментар на македонски јазик.

„По успешните преговори, задоволство е да објавиме дека постигнавме договор околу телевизиските права за натпреварите од 1 МФЛ. Добивме понуда и правата ги отстапуваме на Арена Спорт. Со ова праќаме широка порака. Ова е порака дека фудбалот го враќаме на телевизија низ директни преноси, свесни за важноста на нашата соработка со Арена Спорт како водечки регионален спортски канал и МТВ како Национален сервис. Од друга страна, ова е голема можност и за клубовите, не само поради тоа што сега се ослободени од плаќање котизација за настап во домашниот шампионат, туку многу повеќе, заради вниманието кое ќе го добијат и можноста за своја промоција во секоја смисла. Со емитувањето на регионален канал се зголемува и одговорноста кај нив, но и кај судиите и сите други чинители. Наша задача е да го чуваме имиџот и вредностите на нашиот фубал и да работиме да биде уште поуспешен и попопулареен. ФФМ останува сервис на клубовите за подобрување на имиџот и што е можно подобра презентација на домашната лига. Само заеднички можеме да му покажеме на регионот дека и во нашата држава има силни екипи, добри фудбалери и квалитетен фудбал“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Натпреварите од 1 МФЛ прв пат во историјата на македонскиот фудбал ќе се емитуваат на регионален спортски канал.