Атлетико потроши 120 милиони евра за да го купи младиот фудбалер Жоао Феликс, но мадридски Хетафе за 6 милиони евра купи фудбалер и мајстор за клима уреди. Хетафе се пофали со својот нов играч, а тоа е 32-годишниот Енрик Гаљего, човекот кој до минатата година не беше ни професионален фудбалер.

Приказната на Гаљего е инспирација за секого дека треба да го следи својот сон затоа што некогаш шансата стигнува брзо, но некогаш подоцна. Во неговиот случај сонот да стане профи фудбалер му се укажа на 31 година.

Гаљего дури минатата година го исполни сонот и заигра професионален фудбал, дебитирајќи за шпанскиот второлигаш Екстрамадура на 31 година и 11 месеци. Во јануари 2019 потпиша  за Уеска на 2,5 години за 2 милиони евра. Дебитираше за најсилната шпанска лига и го вкусил она што го сонувал – да игра против гигантите на шпанскиот фудбал.

Сега доаѓа во Хетафе. За 6 милиони евра и освен што ќе продолжи да игра во шпанската елитна лига ќе има можност да заигра и во Лига Европа со оглед на тоа дека малиот мадридски клуб избори пласман во Европа.

Претходно бил член на аматерските клубови Корнеља, Премија и Алзамора и притоа работел како дистрибутер, градежник и мајстор за клима уреди.