Тренерот на Шкупи, Умит Каран на денешната прес-конференција пред утрешниот меч со Пјуник, истакна дека нема да бара неговиот тим да оди на 0:0, туку на форсирање на играта карактеристична за Шкупи, и на победа.

„Можеби никој не ги очекуваше тие 3:3 од првиот меч. Во фудбалот треба да се верува. На првиот натпревар покажавме карактер. Пјуник не гледаше како мала екипа, но ние сме добар тим. На првиот натпревар имавме 3:1, потоа шанси за 4:1, но ете заврши 3:3. Грешките во Европа не се простуваат.

Не чека тежок натпревар. Пјуник е добар тим. Имаме добар резултат, но нема да одиме на 0:0. Ќе ја играме нашата игра, ќе играме офанзивно. Атмосферата е добра во тимот, ние сме семејство. Сите сме едно, нема никаква љубомора. Не се плашиме од никого, играме дома пред нашите навивачи. Секако дека мораме да бидеме внимателни, но не се плашиме од никого“, изјави Умит Каран кој знае за лошата традиција против овој противник.

„Знам за таа традиција, но време е за крај. Пјуник има искуство во Европа, меѓутоа ние играме со срце и со душа“, дополни Каран.

За капитенот Муарем Бајрами, оваа предност не мора ништо да значи, и смета дека ќе биде двојно потешко утре.

„Имаме позитивен резултат, но за мене тоа не значи предност. Тоа не важи во денешниот фудбал. Ќе биде двојно потешко утре. Посакувам да ги израдуваме нашите навивачи „Шверцери“ и да одиме понатаму во Лигата на Европа. Знам дека сите екипи имале проблем со Пјуник, и сакам ние да бидеме првата екипа која ќе го елиминираме. Во екипата владее одлична атмосфера, и покрај тоа што летово имавме промени во играчкиот кадар. Нашето најсилно оружје се секогаш навивачите Шверцери и Чаир. Утре се надевам и очеквуам на Арената да добиеме голема поддршка и да победиме“, рече Бајрами.