За разлика од Македонија која своите сили комплетно ги насочи кон Европското првенство во септември, нејзините конкуренти од групата Ц во Љубљана имаат и тоа како ангажирано лето. И не само тоа, туку и импресивни настапи во Европската лига или во Лигата на нации, но силата на конкуренцијата не влева страв кај одбојкарските репрезентативци.

Русија ја одбрани титулата во ФИВБ Лигата на нации, Словенија го освои ФИВБ Челинџер купот, Турција е шампион во Златната Европска лига, откако во финалето ја победи Белорусија… Потоа и тие играа во Челинеџер купот со Словенците и меѓусебно си ги проверија силите.

„Сите противници внимателно ги следевме, како и нивните настапи. Мислев на нив, но не премногу…Сега сум посветен на нашиот тим. Скаутот ги работи анализите на ривалите… Знаеме точно со што и со кого се соочуваме во групата. Русија е најдобриот тим на светот, апсолутен фаворит, Словенија, како домаќин ги гледа своите шанси… но што се однесува до Белорусија, Турција и Финска, тоа се репрезентации со кои може да се носиме и преку кои ние ја гледаме нашата шанса. Целта е пласман во следната фаза и искрено сметам дека имаме сила за да се најдеме таму“, истакна за СПОРТМЕДИА, селекторот Никола Матијашевиќ.

Македонија минатиот месец имаше три седмици сувопарна работа, додека сега е во Маврово каде еден месец ќе работи на темпирање на формата, а потоа следуваат низа пријателски натпревар, односно девет пред премиерниот настап на ЕП во септември.