Машката кадетска репрезентација на Македонија ќе одигра само еден пријателски натпревар со Чиле, пред настапот на СП во Скопје. Мечот ќе се одигра на 2. август во Скопје.

Нашата селекција имаше уште неколку понуди за контроли, но селекторот Данило Брестовац се одлучи за еден поинаков начин на темпирање на формата.

„Ќе одиграме само еден пријателски меч со Чиле пред почетокот на СП. Имавме уште неколку понуди, но се одлучив да ги одбијам. Чиле ни е доволен за преку нив да го почувствуваме оној јужноамерикански ракомет и да знаеме што да очекуваме со Аргентина, во првиот натпревар. Имаме релативно послаба група и тоа ми дозволува да тактизирам и преку натпреварите во групата да ја темпираме формата за она главното. Секако немаме долга клупа и широк ростер, па затоа сакам и да ја задржам свежината кај играчите пред мундијалот“, објасни за СПОРТМЕДИА селекторот Брестовац.

Кадетите денеска ја напуштија Струга и имаат три дена одмор пред новиот собир во Маврово, каде ќе останат до 30 јули. Потоа продолжуваат во Скопје каде на 6 август го чекаат почетокот на СП, кое за нив стартува со Аргентина.