Најтрофејниот кошаркари колектив од следната сезона ќе има промена на тренерската позиција. Искусниот стратег, Марин Докузовски заедно со управата на клубот одлучија оваа задача да му ја доверат на довчерашниот капитен Димитар Мираковски. Докузовски пак ќе биде главен на стручниот штаб на Работнички и одговорен за младинските школи.

Ова е единствената официјална информација засега од „Градски парк“. Во моментов се прави буџетот, а потоа ќе се оди кон следниот чекор, составување на „костурот“ на тимот за новата сезона.

„Во моментов не сме преговарале со ниту еден кошаркар. На прво место е буџетот за следната сезона, а дури потоа заедно со Докузовски и Мираковски ќе го креираме составот. Можам да кажам со сигурност дека Работнички не преговарал, а ниту пак е заинтересиран за Бојан Трајковски. Сета почит за репрезентативецот не сакам да бидам погрешно сфатен, но како што кажав не е во нашите планови. Нема да брзаме со одлуките“, ни рече спортскиот директор, Ненад Павловски.

Кога сме кај официјалните работи, Ѓорѓи Чековски исто така се повлекува, следната сезона нема да го гледаме на теренот.