Победа, па Тетекс, лани и Вардар, тоа се клубовите кои во последните 15 години му се поклонуваа на Пјуник и беа елиминирани од најпознатиот клуб во Ерменија. Затоа сите од се срце му посакуваме на Шкупи вечерва од 20:30 часот на Арената во Скопје конечно да не израдува, да го мине тој Пјуник и да се одмазди за сите неуспеси што ги имаа нашите клубови со тимот од Ереван. Со оглед на резултатот од првиот меч, а беше 3:3, секако Шкупи има право да се надева, и тоа со помош на своите верни фанови „шверцери“ дека ќе одигра во најлош случај 0:0, 1:1, 2:2. Триумфот ќе биде супер, но и реми ќе биде доволно за минување натаму. Важно е тој Пјуник да падне, се останато е само споредна работа.

Вчера на пресот тренерот на нашиот тим Умит Каран, посочи дека Шкупи не се плаши од никого, дека Ерменците се респектираат, но дека тој има играчи – херои и дека верува во нив дека се способни да дојдат до резултат кој ќе му одговара на Шкупи.

Да кажеме дека натпреварот започнува во 20:30 часот и се игра на Националната Арена „Тодор Проески“. Ова е реванш меч од 1.квалификациско коло во ЛЕ.