Машката кошаркарска репрезентација ќе биде сместена во шестиот шешир, заедно со Унгарија, Босна и Херцеговина и Холандија за следниот квалификациски циклус за европското првенство во 2021 година. Во квалификациите ќе се најдат 32 селекции кои ќе се борат за настап на ЕП во Чешка, Грузија, Германија и во Италија.

Првиот квалификациски прозорец е предвиден да се одигра во февруари 2020 година, вториот во ноември истата година, а последниот прозорец во февруари 2021 година.

Осум групи ќе бидат составени од по четири тимови. Системот налага да секоја репрезентација одигра натпревар против сите противници во групата, на домашен и на гостински терен.

Првите три тима од секоја група, со исклучок на организаторите, ќе се квалификуваат на Евробаскет 2021. Од групите каде ќе бидат сместени организаторите ќе се пласираат две репрезентации. Ждрепката е закажана за в понеделник (22. јули) во Минхен.