Женската младинска репрезентација на Македонија ќе игра за петтото место на ЕХФ Шампионатот во Литванија, откако во првиот меч за разигрување за пласман од петтото до осмото место славеше над Косово со 31:30 (14:12).

Воведните 15-тина минути од натпреварот беа страшни и очајни за нашата селекција, со оглед на тоа дека имавме негатива од 0-7 и девет минути апстиниравме од гол. Но, по 2:9 во средината на полувремето како да се разбудија избраничките на Јулијана Дамчевска, па дури и со играч помалку, по исклучувањето на Тасевска, влеговме со серија.

Ја смиривме играта, бевме посигурни во нападот и поагресивни во одбраната, Мицевска на голот беше одлична и со 5-0 намаливме на 8:10, а потоа следеше нова серија за комплетен пресврт и прво водство од 13:11 на минута ипол до крајот на првиот дел. Седлоска беше сигурна од седум метри за 14:12 предност за Македонија на полувремето.

Во вториот дел нашите репрезентативки го задржаа таквото темпо на игра и имаа константна предност од еден (19:18) до пет гола (26:21, 28:23). Илјаз која доби шанса на голот во второто полувреме исто така беше одлична во завршницата кога Косово се обиде да се врати (29:27), но таа ја запре таквата намера на противникот.

Младинките имаа 31:27 во пресрет на финишот, но повторно се опуштија, па Косово се доближи на 31:30 во последните секунди. Дамчевска реагираше со тајм-аут, по кој се изборивме за седмерец иако времето беше завршено. Седлоска не реализираше, но тоа немаше значење, со оглед на тоа дека минимално се радувавме.

Македонија утре, на пладне, против Фарски Острови ќе се бори за 5. место на ЕХФ Шампионатот.