Ждрепката за квалификациите за ЕП 2021 година во женска конкуренција кај нас мина во сенка на припадниците на посилниот пол. Нашите девојки дефинитивно немаа среќа, за противници во битката за место на контненталното натпреварување ги добија селекциите на Германија, Хрватска и Летонија.

„Германија и Летонија се традиционални учесници за Еврпските првенства, тука нема што да се додаде многу. Со Хрватска веќе игравме, оваа селекција за малку не успеа да се пласира на ЕП кое заврши.

Но, тоа што во оваа група сме последни според рејтинг, никој не може да ни го земе правото да се надеваме на добри игри и да одиме едно скалило напред. Женската кошарка е уназадена, мора да градиме репрезентација, бидејќи еден ден сите главни носителки ќе одлучат да се повлечат, сепак станува за припаднички на понежниот пол, кои ќе сакаат да формираат семејство, и ние не треба да им замеруваме за тоа“, изјави за „СПОРТМЕДИА“ селекторот на женската репрезентација, Марјан Лазовски.

Предводникот на најдобрата женска репрезентација вели дека за напредок потребно е повеќе работа, девојките мора почесто да се собираат.

„Ова лето пропуштивме да го направиме она што го стори Босна, да одиграме десет пријателски натпревари, а не само оние два против Србија.

Да не бидам лошо сфатен ова не е критика за актуелното раководство, но ако сакаме да бидеме посериозни, да работиме во создавање на репрезентацијата мора да ги користиме овие периоди, да видиме со какви играчи располагаме.

Репрезентацијата требаше да се собере особено во периодот пред ЕП во женска конкуренција. Антиќ, Тантуоровска, Митрашиновиќ..да не ги набројувам сите поискусни заедно со помладите, е нопходно да играат пријателски мечеви. Тие собири се важни за понатамошниот развој. Не е доволно да тренираме само една недела пред првиот прозорец. Девојките мора да бидат заедно подолго време, да можат да се „читаат“. Имавме проблем во текот на натпреварите, поускусните имаа проблем со помладите, не можеа да ги спроведуваат своите замисли, и тоа е сосема нормално баш поради краткото време минато заедно.

Ростерот на репрезентацијата е тој, плус уште неколку кошаркарки кои настапија во помладите селекции. Резултатот во Скопје не е изненадување, женската кошарка е на ниско ниво.

Добра работа е што следното лето ќе можеме да го искористиме пред оној втор квалификациски прозорец“, додаде Лазовски.

Првиот прозорец во квалификациите се игра на 14 ноември оваа година, Македонија е гостин на Германија, па три дена подоцна ја пречекува Летонија.