Гоце Седлоски, како што дознаваме, во следните часови, денови… поднесува оставка од тренерското место на Широки Бријег, и се враќа во Вардар и тоа на местото спортски директор, на местото на најголемата грешка – Дарко Панчев!

Тоа не е ништо ново, за овој потег се шпекулираше уште неколку месеци наназад, а ќе се случи во текот на оваа недела, можеби уште утре, задутре…

Играчите го чекаат новиот спортски директор во Словенија, каде што екипата е на подготовки.

Седлоски во Вардар. Тоа е успешна приказна, затоа што без Седло, Вардар не успеа да освои ниту една титула. Се удави во „кал“, не можеше да го мине ниту Пјуник во Европа, а оваа година не играше во ЛЕ поради суспензија.

Самсоненко го враќа човекот кој создаде историја, го направи тимот кој влезе во Лигата на Европа, и го направи најголемиот успех во историјата на Вардар.

Седло ќе биде прв човек во екипата. Тој ќе се грижи за трансферите, за оние кои доаѓаат, за оние кои ќе си заминат, за формирањето на екипата. Доаѓа на местото на Дарко Панчев, кого го немаше на работа, но го имаше на списокот за плата. Панчев е легенда на овој клуб, но е далеку од она што од него се очекуваше. Му беше дадена втора шанса, и таа не ја искористи. Дојде на голема врата, а заминува премногу тивко. Не донесе ниту едно квалитетно засилување, и тој делумно има вина за она што се случува сега. Иако веќе е јасно дека е заминат, сепак, не видовме официјална негова оставка или разрешување од старна на клубот.

И за крај – Седлоски. Тоа е човекот кој нижеше титули во Вардар, прво како спортски директор, потоа и како тренер. Тој и Вардар се добитна комбинација, иако сега ситуацијата е многу поинаква. Тимот има забрана за трансфери и тоа ќе биде тешко. Меѓутоа ако му се остави време, тогаш ќе се направи тим кој ќе се врати на старите, шампионски патеки.

Седлоски беше тренер на Вардар до пред мечот со Фенербахче, оној историски кога неочекувано се раздели со тимот на два дена пред стартот на истиот. Потоа Вардарци го минаа турскиот гитант и играа во Лигата на Европа. Сепак, голем дел од заслугите секако одат и за Седлоски.

Вардар со овој потег полека се стабилизира и почнува одново да гради тим, тим кој ќе ги врати успесите, титулите, победите, радостите во Европа, секако екипата на „Арената“ и навивачите на трибините.  Не би требало да има проблем ниту во релацијата со стручниот штаб, затоа што соработуваше со Васоски, сегашниот шеф на стручниот штаб.