Македонските одбојкари ја стартуваа и втората недела во Маврово од темпирањето на формата за премиерниот настап на Европското првенство во септември.

Селекторот Никола Матијашевиќ јасно даде на знаење дека макотрпен ќе биде патот до ЕУРО 2019, особено оваа прва фаза од подготовките, која е најмонотона, а каде акцентот е на физичката подготовка.

Нашите репрезентативци имаат јасна цел пред себе, па поради тоа и решителноста е голема.

„Досега се тече без проблеми. Напорно е, но се бориме и држиме темпо. Нема предавање, ЕП нè чека, и јасно ни е дека сето ова е за една повисока цел“, кусо коментира капитенот Никола Ѓоргиев.

„Спартанците“ до 15 август ќе бидат во Маврово, а потоа следи серија пријателски натпревари се до почетокот на ЕП на 9 септември во Љубљана.

Македонија е во групата Ц каде за противници ги има организаторот Словенија, европскиот првак Русија, потоа Финска, Белорусија и Турција.