Одлична вест за фановите на Сан Антонио. Легендарниот кошаркар, Тим Данкан се враќа во Спарси, но овој пат ќе има нова улога, асистент тренер на Грег Попович, потврдија медиумите во САД.

Подобра одлука не можеа да направат првите луѓе на клубот, Данкан целата играчка кариера ја мина токму во Сан Антонио, во 1997 година беше избран како прв пик на драфтот. Дресот на Спарси го носеше 19 години, во 2016 година одлучи да стави крај на играчката кариера.

Сан Антонио освои пет шампионски титули во НБА-лигата, на три финалиња Данкан беше прогласен за МВП. Во неговата кариера двапати беше прогласен за најкорисен кошаркар во регуларниот дел од сезоната, одигра 15 Ол-стар мечеви. Легендарниот кошаркар имаше просек од 19 поени и 10,8 скока.