Пишува: Зоран Ѓоршоски

По се изгледа дека толку од извиканата, „најсилната“ на сите времиња Шкендија, „моќната“ Шкендија, „европската“ Шкендија. Треба ли после мечот со Дуделанж некој посебен коментар за тоа како играше нашиот првак? Ајде, може да се случи еден кикс и да загубиш од Номе Калју, но да ти се случат два кикса за седум дена, е тоа е премногу. Кога после ждрепката се отвори лесен пат до плеј-офот во ЛЕ, кога се чинеше дека Шкендија ја научи лекцијата, дојде силно трескање на земја. Луксембуржаните им го покажаа филмот на оние „ѕвезди“ во црвено – црните дресови. Првото полувреме онака, но второто катастрофа. Грешки во серија, „киксови“ во низа, па тоа е премногу за еден таков тим каков што е Шкендија. Очигледно е дека нешто не штима во клубот, во тимот, меѓу играчите. Тренерот Османи на пресот истакна дека тој е виновен зошто очигледно е дека не ги наместил „коцките“ од мозаикот. Секако дека е така, но ова не е некоја нова, поинаква Шкендија. Тие се играчите, освен Фелипе се е исто. Но, дали е навистина исто?

Бадијала е сега да се прават  анализи, да се посочува со прст кој е виновен. Тука има премногу виновници за овој очај, за овој срам, за ова понижување кое Шкендија ни го приредува ова лето на сите нас кои сме овака или онака врзани со мак – фудбалот.

Штета…самите си се виновни… сега не ги „пере“ ништо…па дури и групна фаза во ЛЕ! Групна фаза!!! Како да не…само сонувајте…со овој пристап…со оваа тактика…со оваа…веќе не сум паметен што да кажам…